„Бикини Мун“ на Манчевски на ФЕСТ во Белград

„Бикини Мун“, петтиот филм на Милчо Манчевски, ќе има европска премиера на белградски ФЕСТ, каде што македонскиот режисер ќе биде и претседател на жирито. Филмот ќе биде прикажан и на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто. Следниот месец „Бикини Мун“ ќе игра и на фестивалот во Софија.

Четириесет и шестото издание на ФЕСТ почнува на 23 февруари, а ќе го отвори еден од најголемите фаворити на претстојните Оскари, „Три билборди пред Ебинг, Мисури“.

Бидејќи ќе претседава со жирито, филмот на Манчевски, кој е германско-американска копродукција, ќе биде прикажан надвор од конкуренција.

„Бикини Мун“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло собирајќи големи пофалби од бразилските критичари.

Главната улога во „Бикини мун“ ја игра Кондола Рашад, која беше трипати номинирана за бродвејската награда „Тони“. Нејзиниот лик Бикини Мун Дејвис е харизматична жена војник со психички проблеми, која го привлекува вниманието на документарна екипа. Тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава.

Во оваа модерна бајка уште играат Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстајн.

Во тренд…