Во рамките на многубројните активности за промоција и поддршка на користењето на велосипедот како алтернативно превозно средство, Градот Скопје дава поддршка и се приклучува на иницијативата на неформалното здружение „На точак“ и ги повикува сите да се вклучат во одбележувањето на интернационалниот ден „Во зима со велосипед на работа“.
Станува збор за глобална иницијатива, чија цел е подигнување на свеста за важноста и придобивките од користењето велосипед како превозно средство до работа и до училиште во текот на целата календарска година.
„Во зима со велосипед на работа“ e интернационален ден на кој луѓето го одбележуваат движењето со велосипед на работа и на училиште во зима, притоа кревајќи ја свеста за ова превозно средство во ладните месеци водејќи се од наративот: Не постои лошо време, постои само лоша опрема.