Сугарески додели решенија за легализација на дивоградби во Гази Баба

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, денеска доделија решенија за легализација на дивоизградени објекти на граѓани од општина Гази Баба.

„Денеска заедно со градоначалникот доделивме решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Гази Баба. Со ова се овозможи граѓаните што ги добија решенијата конечно да си ја добијат сопственоста над своите објекти за да можат да располагаат по разни основи. Од почетокот на годинава до крај на годината може да се доставуваат барања за легализација и тоа за сите оние кои претходно не доставиле никакво барање до општината, значи се работи за нови барања“, изјави министерот Сугарески.

Потсети дека вториот рок е до крај на јуни каде сите граѓани кои претходно не ја комплетирале документацијата сега можат да достават комплетна документација за да можат одново да започнат со постапката за легализација.

Министерот во ијзвата упати апел до граѓаните да не ги чекаат последните денови и да ги запазат новите рокови за достава на документацијата.

„Сакам да апелирам до сите граѓани да не ги чекаат последните месеци или денови и да ја достават документацијата во дадените рокови за да можат општините да си ја вршат работата. Исто така апел и до општините да се екипираат и сите заеднички ефикасно да го заокружиме овој процес кој се надевам дека ќе имаме голем бенефит сите”, изјави Сугарески.

Во тренд…