Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Во Скопје продолжува генералното чистење како една од мерките против загадувањето

Од Градот Скопје денеска информираа дека како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот ќе спроведат акција во која ќе се измијат улиците од наталожената прав и ќе се исчистат јавните зелени површини во општините Чаир, Шуто Оризари и Бутел.
„Продолжуваме со примената на вонредните мерки за намалување на аерозагадувањето. Наталожената прав на улиците во градот е една од причините за загадување на воздухот. Планираме таа прав да ја тргнеме од улиците. Кон крајот на минатата година организиравме чистење на Скопје и беа отстранети над 3.000 кубни метри смет. Целиме кон тоа чистењето да прерасне во редовна пракса, со која улиците во Скопје ќе бидат постојано чисти“, истакна градоначалникот Шилегов.
Тој, исто така, ги повика граѓаните на поголема вклученост во борбата против аерозагадувањето на секој можен начин и посочи дека ниту една од мерките самостојно не го решава проблемот, ама повеќе мерки во кои ќе бидеме вклучени сите, и граѓаните и институциите, можат да придонесат да дишеме почист воздух бидејќи Скопје е дом на сите граѓани, а чистотата на амбиенталниот воздух е заедничка обврска.
„Најпрво, три дена ќе се чистат улиците во општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари. Започнуваме со овие општини од причина што во овие делови на Скопје најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ 10 честички во воздухот. По завршувањето на чистењето во овие општини, планирано е акцијата да продолжи и во општините Аеродром и Гази Баба“, рече Шилегов.
Како што истакна скопскиот градоначалник, во акцијата ќе бидат ангажирани вработените на ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“ со нивната механизација. Работниците ќе ги исчистат од листови и ќе ги искосат јавните зелени површини, ќе ги искастрат крошните на дрвјата и грмушките, ќе ги отстранат сувите и надвиснати гранки над улиците коишто претставуваат и опасност по безбедноста на минувачите и учесниците во сообраќајот и ќе ги измијат улиците и тротоарите.

Во тренд…