Димитров и Коѕиас имале „разговор без надмудрување“ и дефинирале временска рамка

Разговаравме за првпат за временската рамка и за чекорите кои ќе следат, доколку се постигне решение, односно како тоа ќе изгледа и ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди.

Тоа го порача македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференцијата со неговиот грчки колега Никос Коѕиас во владината вила во Охрид, истакнувајќи дека за дел од прашањата има напредок и работите се созреани, а за дел уште нема усогласеност. И грчкиот министер за надворешни работи рече дека е постигнат напредок.

На денешните средби на работните групи е веќе усогласен текстот за идната соработка, порача Димитров.

– Имавме отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања коишто ја составуваат разликата од прашањето на името. За дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за дел сè уште постојат разлики. Додека ние разговаравме, средба имаа работните групи составени од високи дипломати, кои врз основа на напредокот што го направија во Виена пред десетина дена, практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области. Тие исто така работеа и на текст за спречување на иредентизмот од двете страни и исто така работеа на преамбуларните параграфи од идниот договор за меѓусебна соработка – рече шефот на македонската дипломатија.

Според Никос Коѕиас, двете страни во преговорите се обидуваат да решаваат проблеми што се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но, како што рече, тоа е работата на дипломатијата.

– Го направивме тој чекор што можевме денеска, позитивен чекор, и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако бевме соочени со големите и тешките проблеми, бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме за тешки прашања но освен темите што ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Сакам да изразам благодарноста и на дипломатите на двете земји. За предметот што го имаат забележуваме напредок, посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и за тоа тешко прашање што се однесува на иредентизмот – рече шефот на грчката дипломатија.

Двајцата министри рекоа дека средбите продолжуваат и во наредниот период, на 3 и 4 мај во Солун, но и на 11 и 12 мај.

– Како што сфаќате, колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат и помалку теми за решавање, но сепак се најтешките. Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери – рече Димитров.

Извор: Мета.мк